Во општина Гази Баба спротивно на закон се склучувани договори на дело со лица кои не оделе на работа, а примале плата, обвини на денешната прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Од она што до сега е утврдено во општината со договор на дело во периодот од 4 јануари до 21 септември годинава се ангажирани 14 лица, а пет од нив воопшто не оделе на работа.
Во општина Гази Баба, од овие 14 договори, 8 од нив биле склучени по распишување на локалните избори што е спротивно на член 8а од Изборниот законик.
Во однос на ова, склучен е и договор со едно лице за консултански услуги за време на изборната кампања и тоа, на 13 октомври годинава бил склучен договор со едно лице за консултански услуги од областа на легализацијата на дивоградби.
Согласно информациите, се работи за лице кое претходно било вработено во општина Гази Баба па заминало во пензија“, посочи Митева и додаде дека согласно Изборниот законик и Законот за спречување на корупција, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции пред и за време на распишани избори.
Како што рече партиската портпаролка, ваквото постапување го зголемува ризикот од поткуп на гласачкото тело, ставајќи ги во заложничка позиција потенцијалните кандидати, очекувајќи од нив и нивните семејства гласови за обезбедување на стабилен политички рејтинг.
„Но, и покрај намерата СДСМ да ја задржат власта со употреба на незаконски методи како овие, граѓаните избраа нова иднина која вистински ќе ги негува европските вредности“, порача Митева.