Специјалниот пратеник на СЗО за Ковид-19, д-р Дејвид Набаро, изјави дека ги разбира протестите во Европа, но истовремено е загрижен поради големиот број случаи на заразени.
„ Навистина сум многу загрижен за тоа што го гледам низ Европа, вклучувајќи ја сега и Западна Европа, многуте случаи и брзината со која нивниот број се зголемува, што е навистина причина за загриженост“ изјави Набаро за „Скај Њуз”.
Тој додава дека не е изненаден ниту од фактот што вирусот не исчезнува ниту од протестите, бидејќи според него јавноста во толку многу земји веќе е презаситена од тоа што се случува.
„ Јас, како лице од јавното здравство, меѓутоа, морам да споделам со граѓаните на Обединетото Кралство и со вашите гледачи дека ќе мораме да продолжиме да се спротивставуваме на овој вирус и тоа ќе го сториме на начин што ќе го отежнеме ширењето на вирусот од едно на друго лице со носење маски за лице и избегнување вдишување воздух што другите го издишуваат“ рече Набаро.
Набаро на крајот напомена дека сите оние кои ги исполнуваат условите треба веднаш да се вакцинираат, бидејќи, според него, само на тој начин може да се заштитиме од количеството на страдање и смртни случаи.