Стоилковски: СДСМ/ДУИ подготвени за рестрикции и ценовен шок за струјата

пред 3 години

Состојбата со енергетската и финансиската криза во земјава е катастрофална и е далеку од справување и надминување на состојбите, изјави Стоилковски на денешната прес конференција.

Тој додаде дека недостатокот од електрична енергија и порастот на цената на електрична енергија на пазарот, ќе предизвика реални безбедносни предизвици кои што може да рефлектираат и економски, социјални и безбедносни појави со негативни последици.

„Овој план со којшто е опфатен делокругот на полицијата и безбедноста во услови на енергетска криза и рестрикции, е документ од 16-ти ноември за функционирање, цитирам, „Во услови на енергетски колапс и рестрикции“. И документ веќе во сила којшто предвидува: – „Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика засилено ќе ги следи социјалните мрежи заради откривање на лица кои поттикнуваат или повикуваат на нарушување на јавен ред и мир и вршење на други кривични дела“,изјави Стоилковски.

Според него со овој документот на власта на СДСМ/ДУИ признава катастрофа во енергетската состојба, признава дека нема решение и дека се подготвува за најлошото – рестрикции и цена на струјата која што ќе предизвика нарушување на јавен ред и мир, дека се можни безбедносни предизвици, па се воведува документ за посебен режим на полицијата и следење на социјални мрежи и спречување на организирање на протести или други реакции за поскапувањето и рестрикциите на струјата

„СДСМ/ДУИ ја колабираа македонската економија, граѓаните ги изложија на здравствен, економски и енергетски колапс, а овој документ тоа го докажува. Ова е нивно признание“,изјави Стоилковски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека што поскоро се организираат избори, што поскоро се смени власта тоа побрзо Македонија ќе почне процес на излегување од кризите.