Време е ЕУ „да размисли за задолжителна вакцинација“ против Ковид, изјави денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи дека за таа мерка ќе одлучат владите на земјите-членки.
„Мојот личен став е дека е разбирливо и соодветно да ја водам оваа дискусија сега” – рече таа на прес-конференцијата, нагласувајќи дека една третина од 450 милиони жители на ЕУ се се уште невакцинирани.
„Како можеме да поттикнеме и потенцијално да размислуваме за задолжителна вакцинација во рамките на Европската Унија? За ова треба да се разговара. Ова бара заеднички пристап. Но, мислам дека тоа е дискусија што ќе треба да ја водиме” – изјави Лајен.
Таа вели дека целосната вакцинација и бустерите им ја даваат на граѓаните најсилната заштита до сега од коронавирусот во ситуација на двојна опасност, четврти бран на пандемијата и појава на нов вид на коронавирус.
„СЗО вели дека новиот вид омикрон е многу ризичен. Сè уште не знаеме доволно за тој вид, но знаеме толку многу што можеме да бидеме загрижени. Очекуваме за две до три недели да добиеме доволно информации за новиот сој, а дотогаш ќе имаме трка со времето што треба да ја користиме за вакцини и бустери”, вели Лајен.
Претседателката на ЕК најави дека ЕУ до крајот на март ќе добие дополнителни 360 милиони дози вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, што, според неа, е доволно за бустер доза на сите вакцинирани Европејци.
Истовремено, во договор со двете компании, се работи на забрзана испорака на вакцини за деца, кои треба да бидат достапни во ЕУ од 13 декември.
Во случај постоечките вакцини да немаат доволна заштита кога станува збор за новиот вид, Урсула фон дер Лајен наведува дека на научниците им требаат околу 100 дена за да ги прилагодат вакцините на новата мутација.