Бил Гејтс откри кои му се омилените книги во 2021 година

Бил Гејтс откри кои му се омилените книги во 2021 година

пред 3 години

Милионерот Бил Гејтс чита 50-ина книги годишно, а на крајот на секоја година ја објавува листата со најдобрите пет што ги прочитал таа година. Основачот на „Мајкрософт“ веќе десетина години јавно ја споделува листата со омилени книги за тековната година, со надеж дека тие ќе ги инспирираат другите исто како што го инспирирале него.

Гејтс откри кои книги му се омилени во 2021 година. Две од книгите се научнофантастични, што е еден од омилените жанрови на милионерот.

„Како дете бев опседнат со научна фантастика. Имаше нешто толку возбудливо во приказните што ги поместуваше границите на можното“, изјави Гејтс во една пригода.

1. „Илјада мозоци: Нова теорија за интелигенцијата“ од Џеф Хокинс
Оваа книга открива нова теорија за интелигенцијата, чија цел е да помогне во развојот на таканаречената општа интелигенција на машините. Тука е разработена идејата дека машините имаат способност да го разберат светот како луѓето. Според Гејтс, ова е тема што може да ни помогне да се справиме со навистина сложени предизвици, како што е подобрувањето на медицината. Книгата му побудила и лични спомени на Гејтс. Се работи за неговиот татко, кој неуспешно се борел со Алцхајмеровата болест, нешто што го натерало Бил да сфати дека мистериите за човечкиот мозок не се разоткриени докрај.

2. „Прекинување на кодот: Џенифер Дудна, генско уредување и иднината на човечката раса“ од Валтер Исаксон
Според Гејтс, оваа книга од познатиот биограф на Стив Џобс, Алберт Ајнштајн и Бенџамин Френклин, е многу повеќе од обична биографија на Џенифер Дудна, добитничка на Нобеловата награда за хемија во 2020 година, пионер во генското уредување со CRISPR. Се работи за еден детален преглед на технологијата што им овозможува на научниците да ги менуваат човечките геноми. Сепак, според Гејтс, и јавноста треба да биде информирана и прашана за поставување на етичките граници во поглед на користење на технологијата.

3. „Клара и сонцето“ од Казуо Ишигуро
„Клара и сонцето“ е уште еден дистописки роман од нобеловецот Ишигуро, што овој пат ја следи приказната на робот кој е придружник на болна млада девојка. Книгата опишува иднина во која роботите го подобруваат животот на човекот. Приказната се одвива во општество во кое децата се генетски изменети за да бидат попаметни и на крајот живеат во изолација. За кратко време роботот Клара станува единствениот верен пријател на болната девојка Џози. Книгата е воедно и потврда на ставот на Гејтс дека пронајдоците на вештачката интелигенција и генетика изгледаат ветувачки.

4. „Хамнет“ од Меги О’Фарел
Дејството во книгата се одвива околу ликот и животот на синот на Вилијам Шекспир, Хамнет. Постои голема веројатност неговата трагична смрт на 11-годишна возраст да влијаела врз создавањето на една од најславните Шекспирови драми. Познато е дека „Хамлет“ е напишана две години по смртта на момчето.

5. „Проект ‘Последна шанса’“ од Енди Вир
Оваа најнова книга од авторот на „Марсовецот“ ја раскажува приказната на еден професор во средно училиште, кој се здружува со пријателски вонземјанин за да го спаси Сончевиот систем од микроорганизам што може да го изеде Сонцето. Според Гејтс, возбудлива е помислата за живот на друго место во универзумот.

Share
Scroll to Top