Сите оние кои биле во високоризичен контакт со лице потенцијално заразено со омикрон сојот на коронавирус, во Словенија ќе мора да бидат во карантин.
Правилото што денеска го усвои Владата важи за оние кои се вакцинирани, но и за оние кои веќе прележале Ковид-19.
За контакт со висок ризик се смета лице со потврден омикрон сој или лице кое во претходните 14 дена престојувало во некоја од африканските земји каде оваа варијанта е широко распространета, како што се Јужна Африка, Лесото, Боцвана, Зимбабве, Мозамбик, Намибија и Есватини, пренесува СТА.
Патниците од овие земји ќе треба да направат три ПЦР тестови за време на нивниот задолжителен десетдневен карантин по пристигнувањето во Словенија.
Словенечката влада денеска го прошири и списокот на вакцини што се користат во земјата со вакцината „Коваксин“, произведена од индиската компанија „Барат биотек“.