„Росавијација“ потврди дека нејзиниот персонал за контрола на летање морал да го скршне курсот на авионот за да спречи судир со авион на НАТО во регионот на Црното Море.
Се наведува дека извидувачкиот авион на НАТО летал во близина на цивилниот авион на авиокомпанијата „Аерофлот“ со повеќе од 140 патници во Москва и дека постојано ги игнорирал обидите на контролата на летање да стапи во контакт со него, пренесе „Раша тудеј“.
Патничкиот авион поради безбедно минување бил принуден да ја намали висината.
Во соопштението на „Росавијација“ се наведува дека контролата на летање забележала извидувачки авион на НАТО „Бомбардиер ЦЛ-600 Артемис“ како брзо се спушта од 11.000 метри на 9.200 метри височина, додека ја минувал патеката на цивилен лет во непосредна близина на летот на Аерофлот со ознака SU501.
Тогаш била обврзана да интервенира копнената контрола, советувајќи го леталото за Москва и уште еден цивилен авион „CL-650“ од Малта, кој летал од руското одморалиште Сочи кон Скопје, да го сменат курсот.
„ Крусот и висината на цивилниот авион брзо се променија. Мерките што ги преземаа руските контролори на летање обезбедија безбедност на летовите во областа над меѓународните води на Црното Море“, додава „Росавијација“.
Овој инцидент го потврди и руската авиокомпанија „Аерофлот“.
Авиокомпанијата откри дека екипажот на „Ербас“ А330 за Москва можел да го види авионот на НАТО и пред да им биде кажано да го сменат курсот преку контрола на летот.