САД за хиперсоничните ракети: Русија сака да испрати порака до Западот

пред 2 години

Соединетите Американски Држави не можат самостојно да ги потврдат или побијат тврдењата на Русија дека истрелале хиперсонични ракети кон украинска цел, но, од воена гледна точка, употребата на такво оружје нема смисла, изјави претставник на американското Министерство за одбрана.

„Можеби се обидуваат да испратат порака до Западот“, рече официјален претставник кој сакаше да остане анонимен, пишуваат агенциите. Според него, од воена перспектива тоа не е многу практично.

Русија во саботата објави дека лансирала хиперсонични ракети „Кинджал“ за уништување на големо складиште за оружје во регионот Ивано-Франковск во западна Украина.

Според Интерфакс, ова е првпат Русија да го користи системот по нападот на Украина на 24 февруари.

Москва не го крие задоволството од развојот на модерното оружје, а претседателот Владимир Путин во декември изјави дека Русија е глобален лидер во хиперсонични ракети. Нивната брзина, маневрирање и надморска височина го отежнуваат следењето и пресретнувањето.

Големите светски сили, како Русија, Кина и САД, веќе некое време се тркаат во развојот на хиперсонични ракети. Станува збор за неверојатно брз ракетен систем кој во моментов не може да биде пресретнат од ниту еден противракетен одбранбен систем.

Хиперсоничните ракети обично патуваат пет пати побрзо од звукот а некои ракети, како што е руската балистичка ракета „Кинджал“, наводно може да достигнат и до околу 12.300 километри на час и покриваат растојанија до околу 1930 километри.

Рускиот систем „Кинджал“ има двојна способност – конвенционален и нуклеарен, велат упатените.

Share
Scroll to Top