„Либерално-демократската партија потврди дека не се занимава со секојдневните политички пазарења од кои се изморивме изминатиот период, туку сме насочени кон меѓународната политика и да направиме се што е возможно да се деблокираат сите прашања за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, потенцираше претседателот на партијата, Горан Милевски на денешната регионална конференција на АЛДЕ и ЛДП „Обновен наратив за забрзана интеграција на ЕУ“.
-Најголеми поборници за влез на Северна Македонија во ЕУ се нашите партнери премиерот на Холандија Марк Руте кој пред неколку денови беше во државата, како и претседателот на Франција Емануел Макрон . Тие се дел од европските Либерали, кои се едни од најголемите лидери кои се борат да се решат проблемите на земјава и да се деблокира патот кон ЕУ, рече Милевски.
Тој дополни дека на денешната конференција бил присутен токму секретарот на Руте, пратеници од парламентите на неколку европски држави како што е и Австрија, Словенија, Хрватска и Бугарија, меѓу кои и европратеникот Илхан Ќучук.
-Целото либерално семејство на ЛДП и АЛДЕ се тука и можеби единствени кои во моментот се трудат да и помогнат на државата на патот кон ЕУ. ЕПП и Социјалистите не ги гледаме дека имаат некоја активност на ова поле или за ова прашање во изминатиот период и затоа навистина сме благодарни на нашите партнери кои се тука и со максимална поддршка за Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите, заклучи Милевски.
Европратеникот Илхан Ќучук како заменик претседател на АЛДЕ вели дека испраќа голема поддршка за работата на ЛДП во земјава.
– На оваа конференција присуствуваме сите партнери на ЛДП за да уште еднаш ја потврдиме чистата позиција дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ. Можеби овој сојуз има високи стандарди за животната средина, социјалната политика, но ЕУ треба да одлучи на која страна треба да оди, дали да биде политички сојуз како досега или пак да оди напред за подобар живот на граѓаните. Тоа значи дека треба и да се реши процесот меѓу Бугарија и Северна Македонија да бидат исполнети точките од договорот се со цел да прекине блокадата на Северна Македонија, беше дециден Ќучук.
Како лидер на Либералните партии од 11 држави од Југоисточна Европа, Словенецот Роман Јакич исто така ја искажа поддршката за почеток на преговори на Северна Македонија во ЕУ.
– Морам да констатирам дека во 2004 година заедно бевме на тој пат, имавме претпристапни преговори, Словенија влезе, а Македонија не ни почна. Европа мора да одлучи каде оди, има напредок во дигитализацијата, и другите аспекти, но не и во проширувањето, тоа некако стои во место, додаде Јакич.
Регионалната конфереција на ЛДП и АЛДЕ ја модерираше Емил Кирјас, а настанот го отвори и Здравко Почивалшек, вицепремиер и министер за економски развој и технологија на Словенија, додека на двете панел дискусии – „Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021“ и „Членство на С. Македонија и Западен Балкан во ЕУ: како и кога?“ говореа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и пратеничката Моника Зајкова, како и други политичари од регионот и ЕУ.