Технолошко индустриската зона во Гевгелија ќе стане првата “зелена“ инвестициска зона во земјава која ќе се фокусира на поддршка на зелените индустрии и ќе функционира како Јавно приватно партнерство. Во оваа зона за првпат се отвора можност и за инвестиции во здравствениот сектор. ТИРЗ ја изработи во партнерство со меѓународната консултантска компанија Deloitte.
„Отвораме можност за прва зелена и здравствена зона во Северна Македонија. Целосно го менуваме концептот на развој. Луѓето, земјата се ограничени ресурси и ќе извадиме најголема добивка за сите граѓани. Со овој нов модел се очекува да се вложат 120 милиони евра во инфраструктурата и развој на зоната во Гевгелија и да се поттикнат инвестиции во обем од 400, како и да се отворат над 3000 работни места. Со студијата и договорот за јавно-приватно партнерство поставуваме јасни и мерливи цели. Колку државата треба да заработи од еден метар квадратен земја што се дава. Не преку цена на продажба, туку преку реална економија што ќе се случува на тој метар квадратен. Од компании што ќе плаќаат данок на добивка, персонален данок и придонеси за вработените. Моделот предвидува земјиштето да го добие оној што ќе понуди највисоки приходи за државата, за граѓаните. Платите за прв пат во вакви договори за ЈПП имаат значајна улога. Ова е и тест на новиот концепт на ТИРЗ кој веќе не се базира на тоа дека Северна Македонија е земја на евтина работна сила, туку инвестициска дестинација за висококвалитетни инвестиции,“ порача Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Тој додаде и дека зоната во Гевгелија ќе се финансира преку моделот на новиот Зелен стратешки фонд кој се базира на инвестиции во проекти кои генерираат конкретни приходи за ТИРЗ и инвеститорите, а во исто време нема дополнително оптоварување ниту за буџетот, ниту за граѓаните.
Зоната во Гевгелија предвидува и можност за развој на здравствена економска зона, која би била прва ваква и во земјава, но и во регионот.
„ Идејата за здравствена зона произлезе од анализата и во консултации со Министерството за здравство. Државата ќе поддржи и инвестиции во напредни технологии во здравствениот сектор и здравствени услуги. Клучен аспект е близината на границата со Грција, којашто е сериозен пазар за овој сектор и отвора можност за значителни приходи и нови високо платени работни места,“ појасни Деспотовски.
Договорот за Јавно приватно партнерство за оваа зона треба да биде реализиран до крајот на 2022 година, а според студијата развојот ќе оди во три фази. Првата фаза опфаќа можност за наем на 50 хектари земја за кои концесионерот треба да изготви финансиска план, план за изградба, дизајн и одржување на зоната како и проекција на потенцијалниот приход за државата. Втората фаза на проширување на зоната со дополнителни 70 хектари, ќе зависи од успешната имплементација на првата фаза односно дали се постигнати цели за приход на државата по метар квадратен.
Студијата за изводливост ќе биде поднесена до Владата по што ќе започне реализација на процесот. Ова е дел од новиот пристап за развој на ТИР Зоните, а зоната во Гевгелија е пилот модел по кој ќе се развиваат и други вакви индустриски зони низ земјата.