Русија не исклучува распоредување нуклеарни ракети во Европа

пред 3 години

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Русија може да биде принудена да распореди нуклеарни ракети со среден дострел во Европа, бидејќи НАТО има намера да го стори истото.

Москва ќе мора да преземе таков чекор доколку НАТО одбие да соработува во спречувањето на таквата ескалација, рече Рјабков.

Атомските ракети со среден дострел се забранети во Европа врз основа на договорот постигнат во 1987 година од страна на тогашниот советски лидер Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган. Вашингтон се повлече од тој договор во 2019 година, тврдејќи дека Москва го прекршува.

Рјабков оцени дека постојат индиректни индиции дека НАТО се приближува кон распоредување ракети со среден дострел, како што е продолжувањето со работа на 56-та артилериска команда, која беше задолжена за ракетите „Першинг“ за време на Студената војна.

„Недостигот на напредок кон политичко и дипломатско решение на проблемот ќе доведе до наш воен или техничко-воен одговор“, рече Рјабков, додавајќи дека Русија вовела едностран мораториум на кој треба да се приклучат САД и НАТО.

Рјабков изјави дека има целосен недостиг на доверба во НАТО во Русија и тврдењата на Алијансата дека американски ракети нема да бидат распоредени во Европа.

„Не си дозволуваат ништо што би можело да ја зајакне нашата безбедност, веруваат дека можат да работат само за своја корист, а ние треба да го издржиме сето тоа. Тоа нема да продолжи“, рече Рјабков.

Тој најави дека Москва ќе ги претстави своите предлози до САД, а можеби и до другите членки на НАТО во наредните недели, пренесува Ројтерс.

Share
Scroll to Top