Во оваа фаза нема да има промена на ставот на Бугарија кон Северна Македонија, како што веќе изјавија премиерот Кирил Петков и Светлан Стоев. Ние се придржуваме до Декларацијата на Националното собрание. Ова го изјавила новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска во одговор на прашање на бугарски „Бгнес“ дали ќе има промена на ставот во однос на деблокада за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
Генчовска денеска ја презеде функцијата од досегашниот вршител на должноста, Светлан Стоев.
Според изјавите на Стоев, како што потсетува бугарската агенција, во последните месеци македонската страна водела двојна политика во преговорите со Бугарија.
Македонија, според Стоев, досега се потпираше на надворешениот притисок, кој не можеше да доведе до решавање на спорот меѓу двете страни анализира „Бгнес“.
„Како што можете да видите во последните денови, јас лично не сум го коментирал пакетот 5 + 1, како и постојаните изјави на македонската страна дека пакетот треба да не задоволи, рече Светлан Стоев во одговор на прашање дали е задоволен од македонската страна со овој пакет.
„Можам да ви кажам дека со чиста совест и ги пренесуваме нашите анализи на редовната влада, отсега владата ги има сите можности да ја искористи оваа анализа за продолжување на дијалогот и се надеваме дека македонската страна конечно ќе сфати дека тоа е прашање кое не може да се реши со притисок однадвор, туку само со билатерален дијалог“, изјавил Стоев.