Во координирана полициска акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) и полициски службеници од ОВР Гостивар разбиена е организирана криминална група, со што е пресечен меѓународен транспорт за недозволена трговија со дрога при што се запленети околу 100 кг марихуана во вкупна вредност од 300.000 евра.
ОСОСК до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе кривична пријава против четири лица, и тоа Е.М., Х.Ф., Е.И. и Б.П., од кои три се од Гостивар и едно од Дебар, на возраст од 30 до 47 години, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.
„ Со цел да се стекнат со противправна имотна корист, во периодот до декември 2021, пријавените лица набавиле марихуана, која ја сместиле во објект во гостиварско, а на 14.12.2021 дел од неа, по претходен договор ја предале на еден од пријавените, кој со товарно возило за одреден паричен надомест требало да се транспортира до Бугарија, соопшти портпаролката на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Полициски службеници при ОСОСК на патарина „Глумово“, вчера при преглед во товарното возило „ман“ со приколка, со дебарски регистарски ознаки, пронашле 19 црни вреќи, во кои биле сместени вкупно 189 пакувања со марихуана.
Истиот ден, врз основа на Наредба издадена од Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на неколку локации во Гостивар, при што се пронајдени поголем износ пари во различни валути и апоени и предмети за истражната постапка.