Научниците од американскиот „Воен истражувачки институт Волтер Рид“ во рок од неколку недели треба да објават дека развиле вакцина која е ефикасна против Ковид-19 и сите негови варијанти, па дури и против омикрон.
Според американскиот портал Defense One, таа вакцина е ефикасна и против претходните вируси САРС кои убија милиони луѓе ширум светот.
Најновото достигнување, како што беше соопштено, е резултат на речиси двегодишна работа на овој вирус, што уследила откако воената лабораторија ја добила првата ДНК секвенца на коронавирусот на почетокот на 2020 година.
Во раната фаза на пандемијата, огранокот за заразни болести на „Институтот Волтер Рид“ одлучил да се фокусира на развој на вакцина која ќе делува не само против постоечкиот вид, туку и против сите негови потенцијални варијанти.
Претходно годинава, тестирањето на вакцината Spike Ferritin Nanoparticle (SpFN) против Ковид-19 врз животни било завршено со позитивни резултати.
„Првата фаза на испитувања на луѓе, со која вакцината се тестираше против омикрон и други варијанти, заврши овој месец со позитивни резултати, кои сега се на конечна ревизија“, рече во ексклузивното интервју за Defense One д-р Кејвон Моџарад, директор на огранокот за заразни болести на „Волтер Рид“.
Следниот чекор, додава тој, е да се види како новата вакцина функционира кај луѓе кои претходно биле вакцинирани или се опоравиле од Ковид-19.