Британија воведе санкции за руски генерали и за компанијата „Калашников“: „Имаат крв на рацете“

пред 2 години

Велика Британија воведе нови санкции за руски воени челници и компании поврзани со воени активности.

Британските власти истакнаа дека санкциите се насочени против руските генерали кои вршеле злосторства на првите линии, како и поединци и компании кои ја поддржуваат армијата на Владимир Путин.

Министерката за надворешни работи, Лиз Трас, рече дека санкциите се за оние кои имаат, како што кажа, крв на Украинците на своите раце, вклучително и командантот на единицата што ја окупираше Буча, пишува „Скај њуз“.

Според информациите кои ги пренесува руската агенција „Тасс“, на листата на санкции се 26 поединци и компании од Руската Федерација и Украина, меѓу кои и генералниот директор на Руски железници, Олег Белозјоров и концернот „Калашников“.

На дополнетиот список, објавен денеска на веб-страницата на британската влада, воведени се санкции против портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, првиот заменик началник на Генералштабот на руските вооружени сили, Николај Богдановски, в.д. Министерот за вонредни ситуации Александар Чупријан и командантот на руските сили за специјални операции, Валериј Фљустиков, пренесува руската агенција.

Покрај бројните челници на руската армија, на британската црна листа се најдоа и украинскиот политичар Илја Кива, главниот уредник на списанието „Национална одбрана“ Игор Коротченко, новинарот Алексеј Пиманов и сопругата на бизнисменот Херман Кан, Анжелика.

„Злосторствата од рускиот напад врз народот на Украина се очигледни за сите. Тие намерно гранатираат болници, училишта и патишта во Мариупол, исто како што правеа во Чеченија и Сирија“, рече Трас.

„Велика Британија дава силна поддршка за Украина и го повикува Путин и неговиот режим да преземат одговорност. Денешниот нов бран санкции е насочен кон генералите и одбранбените компании кои имаат крв на рацете“, додаде таа.

Share
Scroll to Top