Новогодишна прослава во Њујорк под строги мерки, во градот има нагло зголемување на заразени со омикрон

пред 3 години

На Тајмс Сквер во Њујорк ќе се одржи традиционална новогодишна прослава, но според строги мерки, бидејќи градот се бори со нагло зголемување на бројот на заразени со омикрон.

Просторот за публиката, кој вообичаено собира околу 58.000 луѓе, ќе биде ограничен на околу 15.000 лица за да се овозможи поголемо растојание, а сите присутни мора да покажат доказ за вакцинација и да носат маска, рече градоначалникот Бил де Блазио во соопштението за печатот.

Дополнителни мерки на претпазливост за новогодишната ноќ на Тајмс Сквер се поттикнати од брзото ширење на новиот сој омикрон во Њујорк, каде што во последните денови имаше голем број луѓе кои чекаат тестирање за ковид пред здравствените установи.

Во средата градот постави уште еден дневен рекорд со 22.808 нови случаи.

Новиот бран на коронавирус доведе и до откажување на концерти, спортски настани и настани на Бродвеј, но градоначалникот Де Блазио покажа силна посветеност дека традиционалното спуштање на џиновската кристална топка на Тајмс Сквер за Нова Година ќе се одвива според план во неговиот осумгодишен мандат, кој завршува на 1 јануари, наведуваат агенциите.

Меѓу другите најавени измени, посетителите нема да смеат да влезат во просторот што им е предвиден до 15 часот, што е многу подоцна од претходните години.

Минатата година на новогодишната ноќ, Тајмс Сквер беше главно празен, а Џенифер Лопез и другите присутни изведувачи настапија зад полициските барикади.

Share
Scroll to Top