Локалитетот „Крст“ во Кучково добива амфитеатар, пешачки патеки, канделабри, хортикултурно уредување, а за Ѓорче Петров се набавува и комунално возило за зимско одржување на улици и патишта во општинските средини.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и министерот за финансии, Фатмир Бесими го потпишаа договорот за реализација на проектот. Целта со уредувањето на локалитетот во Кучково е да стане место кое ќе може да се користи за едукативни и културни настани, но и за туристички цели.
„Со проектот ќе се уреди просторот од 5.456 квадратни, ќе има партерно уредување, ќе се изгради амфитеатар, платформи, ќе има монтажни тоалети, нови пешачки патеки и адаптација на постоечката, ќе се постават канделабри за осветлување, урбана опрема сосе велосипедски паркинзи. Сакаме локалитетот ‘Крст’ во Кучково да биде ново урбано катче, каде не само ѓорчепетровци, туку и скопјани ќе се собираат, спортуваат, едуцираат, рекреираат. Од ова придобивка ќе имаат и жителите, бидејќи го развиваме Ѓорче со уште повеќе можности“, вели Стојкоски за проектот во Кучково.
Набавката на комуналното возило за зимско одржување на улиците и патиштата во руралните средини во Ѓорче Петров исто така ќе значи многу за сите жители.
„Станува збор за мултифункционално возило кое ќе може да се користи во текот на целата година за превоз на други материјали, зависно од потребите. Откако ќе го набавиме, ќе имаме и заштеди во делот на склучување договори за одржувања со компании по пат на тендери“, посочи Стојкоски.
Средствата за набавката на возилото и уредувањето на Кучково се дел од неповратен грант, финансиран од Светска банка.