По 16 дена пауза, Кавани спасуваше реми за Јунајтед кај Њукасл!

По 16 дена пауза, Кавани спасуваше реми за Јунајтед кај Њукасл!

пред 3 години

Со нов менаџер во Ралф Рангник и со 16 дена пауза по откажување на два меча, Манчестер јунајтед мораа да се потпрат на ветеранот Единсон Кавани за да извлечат 1:1 реми на „Сент Џејмс парк“ кај Њукасл.

Мечот започна лошо за „ѓаволите“, откако Алан Сен-Максимен уште во седмата минута со одличен удар успеа да го совлада Давид де Хеа за по два меча без примен гол, повторно да потфрли одбраната на фаворитите.

Наместо да се „разбудат“ по ваквиот старт, Јунајтед беа послаби во првото полувреме и покрај поседот на топката, бидејќи тимот на Еди Хоув беше поопасен. Само што почна второто полувреме, Де Хеа спаси уште еден убав обид на Сен-Максимен, но по влегувањето во игра на Џејдон Санчо (на местото на Фред) и на Кавани (на местото на Гринвуд), Јунајтед беа поопасни, за во 71. минута, Кавани да го најде патот до голот на домаќините по доброто нафрлање на Далот. Во 89. минута, Њукасл ја погодија стативата преку Марфи, по што Де Хеа повторно мораше да го одбрани обидот на Алмирон и да спаси барем поен за „ѓаволите“.

По три убедливи порази, Њукасл освојува поен, кој ги носи на два поени од безбедната зона, каде што се наоѓа Вотфорд (иако тие имаат три натпревари помалку). Јунајтед пак, е само седми со 28 поени, дури 7 зад Арсенал кои се на четвртото место.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Share
Scroll to Top