Тимовите за пребарување и спасување и пожарникарите од американската сојузна држава Ново Мексико користеа јажиња и хеликоптери за време на операцијата за спасување на 21 лице заглавени во текот на ноќта во две гондоли од жичарата високо во планината Сандија, недалеку од градот Албакерки.
Портпаролот на противпожарната служба на округот Берналило, поручник Роберт Аргељес, потврди дека прво биле спасени 20 лица заглавени во едната гондола, а неколку часа подоцна било спасено и последното лице кое случајно било само во друга гондола, пренесуваат агенциите.
Сите заглавени во двете гондоли биле вработени на жичарницата или во ресторанот на врвот на планината, а на крајот од работниот ден се упатиле кон подножјето на планината кога мразот на главниот кабел ја запрел гондолата, рече Аргељес.
Никој од спасените не е повреден, но, според портпаролот, сите биле многу исплашени.