Низ Франција денеска се одржаа протести против задолжителна вакцинација и владините мерки, каде нагласена беше критиката кон намерата на претседателот Емануел Макрон да ги заостри ограничувањата за оние кои одбиваат вакцини против Ковид-19.
Макрон оваа недела рече дека сака да ги „нервира невакцинираните“ така што ќе им го компликува животот толку многу што на крајот ќе бидат принудени да се вакцинираат.
„Невакцинираните луѓе се неодговорни и недостојни да се сметаат за граѓани“, додаде францускиот претседател, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Во Париз денеска демонстрантите возвратија така што го презедоа неговиот жаргонски начин на изразување со порака дека ќе го нервираат претседателот.
Други носеа транспаренти на кои пишуваше „Не за сертификати за вакцина“, што се однесува на притисокот на Макрон законски да бара доказ за вакцинација за да влезе во затворени простории како што се кафулиња, барови и музеи.
На телевизиските снимки кои ги објавија тамошните медиуми може да се забележи дека имало судири меѓу демонстрантите и полицијата на собирот во Париз, а демонстранти се собраа и на улиците на другите француски градови, вклучувајќи ги Марсеј, Нант и Ле Ман, јавува „Ројтерс“.
Демонстрантите го обвинуваат Макрон дека ги гази нивните слободи и нерамноправно постапува со граѓаните, а францускиот претседател рече дека слободите носат одговорности кои вклучуваат заштита на здравјето на другите.