Мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за јавната набавка за угостителски прибор, рече дека откако ќе биде избран за премиер истата ќе ја провери и доколку е во обем и постапка која е несоодветна ќе ја поништи.
„Јас немам детали за таа набавка бидејќи сеуште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам“, рече Ковачевски.
Инаку деновиве одредени медиуми пишуваа дека Службата за општи и заеднички работи ја подновува владината кујна со нов прибор за угостителство. Во написите беше наведено дека покрај бела техника, се набавува и нов прибор за јадење, со највисок квалитет од порцелан и кристал.
Според написите во одредени медиуми три фирми го добиле договорот вреден над 37.000 евра.