На панел-дискусијата на „Еуромани“ на која учествуваа гувернери од регионот на Централна и Југоисточна Европа, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека во изминатата декада значително се зголемени одговорноста и задачите на централните банки, а пандемијата веројатно ќе предизвика и натамошни промени.
Надлежните објаснуваат дека по глобалната финансиска криза, покрај традиционалниот мандат на централните банки за ценовната стабилност, активностите беа главно насочени и кон одржување на финансиската стабилност. Покрај тоа, централните банки ги проширија своите задолженија и со активности во доменот на заштитата на потрошувачите, финансиската едукација, финансиската инклузија, олеснувањето на процесот на финансиски иновации ‒ финтек-услуги, како и на зелената агенда поради влијанието на климатските промени на финансиската и ценовната стабилност. Следејќи ги овие трендови, и Народната банка во изминатиов период презеде бројни активности, а дел од нив се предвидени како посебни стратегиски цели во рамките на среднорочниот стратегиски план на Народната банка.
Пандемијата, велат од НБРМ, несомнено ќе влијае врз натамошното обликувањето на улогата на централните банки. Во овој контекст, особено треба да се имаат предвид глобализацијата, дигитализацијата, како и другите структурни промени кај понудата и побарувачката, како резултат на корона-кризата. Структурните промени влијаат врз економијата и врз начинот на формирање на цените, а со тоа и врз начинот на спроведување на монетарната политика. Оттаму, за да ја остварат својата основна цел ‒ задржување на ценовната стабилност, централните банки во иднина ќе треба да ги земат предвид овие фактори во планирањето и спроведувањето на монетарната политика.
„Кога зборуваме за преосмислување на улогата на централните банки во постпандемичниот период, треба да се земат предвид три фактори. Прво, постои неизвесност во однос на приспособувањето на побарувачката и понудата на среден рок и сега, повеќе од кога било, се бара од централните банки да ги следат изворите и структурните фактори коишто влијаат врз цените за да можат правилно и навремено да преземат мерки коишто ќе овозможат одржување на ценовната стабилност. Второ, несигурноста којашто ја предизвикува корона-кризата за процесот на финансиска глобализација и меѓународната трговија, при намалување на вкупната размена на стоки и услуги заради кризата, може да биде предизвик особено за малите и трговски отворени економии. Затоа, ова бара внимателност од носителите на монетарната политика за влијанието на овој процес врз нивните економии и цели на монетарната политика. Трето, трендот на дигитализација, којшто беше значително засилен со кризата, може да има влијание врз продуктивноста, плаќањата, моделите на потрошувачка, како и начинот на мерење на цените, што исто така упатува на потреба од постојано следење и вклучување во анализите коишто ги спроведуваат централните банки“, посочи гувернерката.
Форумот на „Еуромани“ важи за еден од најпрестижните настани од ваков формат во регионот на Централна и Источна Европа, којшто овозможува поврзување на економистите заинтересирани за регионот на ЦИЕ. Овојпат, настанот беше организиран во вид на виртуелна платформа за дискусија.