(Видео) Пендаровски-Вархеји: Извештајот претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори

пред 4 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји.

Како што информираат од претседателскиот кабинет, Вархеји на Пендаровски му го предал Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година.

На средбата биле разменети мислења за клучните наоди во објавениот извештај.

„Извештајот дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите. Истиот дава поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери посочени во документот и претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината“, истакнал македонскиот претседател.

Тој го поздравил и претставениот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, што има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, што е дополнително отежнато поради пандемијата од Ковид-19, а во функција на забрзување на интеграцијата во Европската Унија.

Според претседателот Пендаровски, со претставениот план се потврдува дека иднината на целиот регион е во Европската Унија, а Брисел јасно демонстрира дека регионот е нејзин геостратешки приоритет.

Share
Scroll to Top