Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков вели дека не се изолирал по тестирањето за Ковид-19 и на Водици излегол да ја следи манифестацијата оти побарал тест заради патување, не поради тоа што се чувствува лошо. За „Макфакс“ тој потврди дека добил позитивен тест, но следниот ден го повторил и добил негативен резултат.
„Немав и се уште немам никаков симптом на коронавирус. Ме прашувате зошто не сум се изолирал по тестирањето, тоа е едноставно, јас отидов да се тетсирам оти имавме уплатено зимување Банско од 20 до 23 јануари. Бугарија ги смени правилата за влез и покрај вакцините бараа и ПЦР тест, па затоа го направив тестот. Излезе позитивен и многу ме зачуди, не очекував затоа што немам симптоми, никој дома не е позитивен, па затоа следниот ден направ уште еден тест. Вториот тест излезе негативен, но без разлика на тоа откако го добив решението останав дома, не заминав во Банско“, објасни градоначалникот Пецаков и до „Макфакс“ го испрати негативниот тест.
Двата теста ги направил во истата лабораторија, единствена во Охрид и двапати си платил за тестирањето по 1800 денари.
„Негативен тест е можен, но нема случаи на лажно позитивен тест“
Здравствените власти велат дека лажно негативен тест е можен, но нема случаи на лажно позитивен тест. Пациентот може да направи колку сака тестови, но за лекарите велат дека е битен позитивниот. Доколку градоначалникот се обрати во лабораторијата каде што ги правел тестот, тврдат дека ќе добие одговор дека неточен е негативниот.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, велат дека без разлика од која причина се прави тестот, по тестирањето резултатот треба да се чека во изолација.
„Без разлика зошто е правен тестот, препораките да се изолираат додека чекаат резултат се исти“, велат од Инспекторатот.
Позитивен, па негативен тест добил и секретарот на Општината, Александар Китески
Заедно со градоначалникот двапати се тестирал и секретарот на Општината, Александар Китески. И тој добил позитивен резултат, а денес повторно се тестирал и резултатот бил негативен.
„И мене ме исплаши позитивниот резултат, не го очекував оти се тестирав заради патување. Појдов на матичен, направив крвна слика, се е во ред, немам никаков проблем. И јас направив уште еден тест и еве денес, исто како градоначалникот добив негативен резултат што ме наведува да мислам дека позитивниот резултат бил грешен. Двајцата сме вакцинирани прележани коронавирус пред вакцинирањето и што е најважно немаме никакви симптоми“, вели Китески за „Макфакс“.
Тој се сомнева дека некој им ги подметнал позитивните резултати.
„Направени се во иста институција и исти се и кај мене и кај градоначалникот. Еднаш позитивни, еднаш негативни. Сега и со ова што објавувате ме наведувате да се посомневам дека се подметнати“ рече секретарот Китески.
Тој тврди дека никој од луѓето што ги тестирале не ги предупредил дека брз разлика на причината поради која се тестираат резултатот треба да го чекаат во изолација.
„Ако некој не предупредеше нема зошто да не го почитуваме тоа. Ние не се криевме, се движевме на јавни места“, објасни секретарот Китески.
Тој и градоначалникот по тестирањето место да се изолираат постојано биле во контакт со други луѓе.
Пецаков за Водици се гушкаше и ракуваше со верниците
За Водици градоначалникот Пецаков се гушкаше и се ракуваше со сите што му приоѓаа, а вечерта доби позитивен резултат на тестот за Ковид – 19. Охриѓани кои биле во контакт со него, откако дознале дека добил позитивен резултат, во паника бараат термин за тестирање. Здравствените власти од Охрид велат дека најмалку 300 контакти веќе побарале тестирање, но стравуваат дека кластерот ќе биде многу поголем.
Во небрано се нашла и охридската епидемиолошка служба, каде што неофицијално, градоначалникот Пецаков инсистирал да не добие изолација, но неговите настојувања не биле послушани.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврдија дека градоначалникот Пецаков добил решение за изолација по позитивен тест на коронавирус, а потсетуваат дека и се уште важат правилата секој што се тестира веднаш да се изолира.
„Во сила се препораките на Комисијата за заштита од заразни болести дека лицето кое се тестира, до добивање на резултатот останува во изолација. Секое лице кое по тестирањето ќе добие позитивен тест на Sars Cov 2, е во изолација од моментот на добивање на резултатот. Понатамошниот тек на болеста го следи матичниот лекар и во зависност од симптоматологијата изолацијата трае 10 дена за асимптоматски и 20 дена за лица со симптоми“, рекоа од Инспекторатот за „Макфакс“.