Баку бара извинување од Франција по тврдењата на Макрон за сириски џихадисти во Нагорно-Карабах

пред 4 години

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, го повика својот француски колега Емануел Макрон да се извини за неговите неодамнешни тврдења дека сириски џихадисти биле распоредени во спорниот регион Нагорно- Карабах, каде Баку се бори против ерменските сили, пренесува РТ.

„Нема платеници. Имаме армија од 100.000 војници. Барам Франција да се извини и да покаже одговорност“, рече Алиев во интервју за „Ал Арабија“ во неделата.

Минатата недела, Макрон објави дека има веродостојни информации што укажуваат на тоа дека припадници на одредени сириски џихадистички групи пристигнале во военото жариште во Нагорно-Карабах преку јужниот турски град Газиантеп.

Ерменија, чии сили водат тешка битка околу спорната планинска енклава со соседен Азербејџан, изрази слични обвинувања.

Ерменските властии директно ја обвинија Турција за носење платеници за поддршка на воените напори на нејзиниот сојузник Азербејџан. Баку ги негираше овие тврдења, нарекувајќи ги евтина пропаганда.

Официјалните лица во Баку тврдат дека армијата е добро екипирана и нема потреба од никаква странска сила.

„На Азербејџан не му треба никакво учество од трета страна. Нацијата со 10 милиони жители има доволно свои ресурси и доволно резервен потенцијал да продолжи со борбите“, изјавил за РТ Хикмет Хаџиев, висок советник на претседателот.

Тој исто така тврди дека Турција, која ја потврди својата непоколеблива поддршка за Азербејџан, не е вклучена во конфликтот како трета страна. И Анкара негираше испраќање на сириски платеници во Нагорно-Карабах.

На 27. септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Share
Scroll to Top