Словенечкиот министер: Нема да испраќаме оружје во Украина

пред 3 години

Словенечкиот министер за одбрана, Матеј Тонин, по средбата со неговиот британски колега, Бен Валас, изјави дека Словенија нема да испраќа оружје во Украина, но ќе остане кредибилна членка на НАТО.

По разговорите посветени на ситуацијата во Украина, Тонин рече дека не сака да избие војна во Источна Европа, туку дека Русија треба да испрати јасна порака.

„Во Украина секако е подобро да има лош мир отколку добра војна“, рече Тонин, додавајќи дека неговата земја во моментов не размислува да испрати оружје во Украина, како што направија некои други членки на НАТО.

„Цената на војната е едноставно превисока“

„Ми се чини дека е клучно да му испратиме на Путин јасна и недвосмислена порака во рамките на НАТО алијансата дека цената на војната е едноставно превисока“, рече Тонин во изјавата по средбата со британскиот министер.

„Можното агресивно однесување на Русија би значело уште повеќе војници на НАТО на руските граници“, рече словенечкиот министер, додавајќи дека таквото однесување би било контрапродуктивно за Русија.

Словенија во моментов има војници во мисијата на НАТО во Летонија, а војници од Македонија ќе се приклучат на истиот контингент во јуни. Според словенечкиот министер за одбрана, ваквата акција е најдобриот одговор на НАТО во политиката на одвраќање на Русија од евентуален напад врз Украина.

Share
Scroll to Top