Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека Шенген зоната треба да се реформира и да се управува преку редовни министерски состаноци како и еврозоната. Тоа би можело да започне следниот месец, рече Макрон.
Загриженоста за националната безбедност, мигрантската криза, а потоа и пандемијата, доведоа до воведување гранични контроли во Шенген зоната, проследено со критики за начинот на кој таа функционира. Ова го доведува во прашање најголемото достигнување во Европа по Втората светска војна, пренесува Ројтерс.
Емануел Макрон на состанокот на европските министри за правда и внатрешни работи рече дека таканаречениот Шенген Совет треба да процени како функционира зоната, да донесе заеднички одлуки и да овозможи полесна координација за време на кризи.
– Овој Совет може да стане лице на силна, заштитничка Европа која може да ги контролира своите граници, а со тоа и својата судбина – посочи Макрон.
Тој рече дека првиот состанок на тој совет може да се одржи кога следниот пат на 3 март ќе се соберат европските министри за правда и внатрешни работи.
За да стапи на сила овој предлог, на Макрон му е потребна поддршката од другите земји-членки на ЕУ, но француските власти посочуваат дека нема да биде неопходно да се менуваат договорите на ЕУ.
– Треба да ја реформираме Шенген зоната. „Не може да има слобода на движење ако не ги контролираме нашите надворешни граници“, рече Макрон.
Франција предлага и воспоставување кризен механизам кој би можел да се активира во случај на закана за надворешните граници на Унијата.
ЕУ со години е длабоко поделена кога станува збор за одговор на мигрантската криза и управување со заедничките граници.