Скандал во Израел-Полицијата незаконски користела шпионски софтвер против соработниците на Нетанјаху

пред 3 години

Израелскиот министер за полиција изјави дека ќе формира државна истражна комисија откако израелски дневен весник објави дека израелската полиција незаконски користела шпионски софтвер против соработниците на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху и други јавни личности.

Пегасус, мобилна хакерска алатка произведена од израелската NSO Group, се користеше за „собирање податоци дури и пред да се отвори каква било истрага против тие цели и без судски наредби“, објавија светските медиуми.

Мета биле синот и двајцата помошници на поранешниот премиер, кому му се суди за корупција, потоа уште еден сообвинет и неколку очевидци, како и двајца поранешни функционери, пишуваат весниците.

Адвокатите на Нетанјаху бараат да се прекине постапката додека не се разјасни извештајот а министерот за внатрешни работи Омер Барлев рече дека ќе формира истражна комисија за целосно да ги истражи наводите.

„Нема да има такви пропусти под мојата палка“, рече тој.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет немаше коментар, но најмалку тројца министри повикаа на независна истрага, како и Синдикатот на новинарите.

Претседателот Исак Херцог, исто така, изрази загриженост и повика на темелна истрага.