Минатата година слушнавме гласини дека Google ќе го лансира првиот флексибилен телефон до крајот на 2021 година. Бидејќи сега сме веќе 2022 година, помисливме дека компанијата се откажала од својата идеја да се натпреварува со Samsung кој е актуелен лидер на пазарот во овој сегмент.
Сега, според Рос Јанг, претседател на DSCC (Display Supply Chain Consultants), Google сè уште сака да има флексибилен уред во својата понуда. Јанг вели дека производството на панели за овој модел ќе започне во третиот квартал на 2022 година, а дека самата премиера се очекува до крајот на годината.
Одговарајќи на прашања на Твитер, тој додаде дека визијата на Google за флексибилен телефон ќе има екран со брзина на освежување од 120 Hz, како и неодамна претставениот Galaxy Z Fold 3. Тој додаде и дека очекува екранот да биде малку помал од моделот на Samsung, со повисока цена во Европа и Америка, што ќе доведе до помала продажба, поради што Google одлучи да ја одложи премиерата.
Уште една информација вели дека телефонот треба да го користи Android 12L, оперативниот систем кој ќе биде готов до крајот на март оваа година, а кој Google го намени за таблетите и уреди со поголем екран.