Ризикот од срцев удар се зголемил за 63 отсто по прележан Ковид-19, додека пак ризикот од болести на коронарните артерии или пак мозочен удар се зголемил за 72 отсто, односно 52 отсто.

Откако пристигна омикрон сојот на коронавирусот, поголем дел од луѓето започнаа да го третираат Ковид-19 како настинка, со симптомите како што се болки во грлото или пак течење од носот.

Научниците од Вашингтонскиот Универзитет во Сент Луис, предупредуваат дека многу од луѓето кои ќе закрепнат од Ковид-19 можат да бидат во ризик од компликации по прележување на инфекцијата.

Неколку студии идентификувале потенцијални компликации кои се појавуваат по прележување на Ковид-19, а кои можат да бидат опасни по живот.

Тука спаѓаат инфаркт, болести на коронарните артерии, срцева инсуфициенција, тромбоза, мозочен удар, неправилна работа на срцето, белодробна емболија, анксиозно нарушување, депресија и стрес.

Експертите анализирале евиденција на повеќе од 150.000 луѓе позитивни на коронавирусот и потврдиле дека стапката на гореспоменатите болести по прележување на коронавирусот во однос на оние кои не го прележале е поголема.

Истражувачите изјавиле дека разликата е видлива и кај лицата кои имале благи симптоми на инфекцијата и кои не биле хоспитализирани.

Друга студија користела податоци од Министерство во САД и открила дека пациентите заразени со коронавирус имале поголема веројатност да развијат проблеми со менталното здравје во месеците по прележан Ковид-19.

„Новиот коронавирус не е само респираторен вирус, тоа е системски вирус кој може да предизвика оштетувања и последици по цел организам, вклучувајќи го и менталното здравје и пад на когнитивните способности“, велат експертите.