Москва нема да има пристап до финансиските пазари и високотехнолошките производи под санкциите што Западот ги подготвува во случај Русија да ја нападне Украина. Ова денеска го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на безбедносната средба во Минхен.
Таа даде детали за планираните санкции на годишната безбедносна конференција во Минхен, каде што зборуваше и потпретседателката на САД, Камала Харис.
„ Опасното размислување на Кремљ, кое доаѓа директно од темното минато, може да ја чини Русија просперитетна иднина“, рече Фон дер Лајен. Таа изјави дека Европската комисија развила силен и сеопфатен пакет финансиски санкции заедно со САД, Велика Британија и Канада.
„ Во случај Русија да нападне, ќе го ограничиме пристапот до финансиските пазари на руската економија и ќе воведеме контрола на извозот што ќе ја спречи да ја модернизира и прошири својата економија“, додаде таа.
Фон дер Лајен рече дека на Русија апсолутно и требаат високотехнолошки производи во чие производство доминира ЕУ и кои не можат лесно да се заменат. Висок европски функционер на собирот рече дека Русија се обидува да ја поткопа изградбата на европската безбедност и флагрантно се обидува да напише нови правила на меѓународниот поредок.
„ Не можеме да дозволиме тоа да се случи, се соочуваме со флагрантни обиди да ги преработиме правилата на меѓународниот поредок“, рече Фон дер Лајен во Минхен.
Таа, исто така, го осуди сојузот меѓу Кина и Русија, формиран за да се наметне законот на посилниот. Ескалацијата во последните недели во Украина, каде што Западот стравува од напад на Русија, би можела да го преобликува целиот меѓународен поредок, изјави шефот на Европската комисија.
Западните лидери се уште не прецизирале која руска акција би предизвикала санкции. Француски функционер рече дека инвазијата на територијата која моментално е под владина контрола во Киев ќе предизвика санкции.
Делови од источна Украина се под контрола на проруските сепаратисти кои се борат против украинските сили од 2014 година, кога Русија го анектира украинскиот полуостров Крим.