Андреа Коевска: Ми се исполни детскиот сон да пеам на Евровизија

пред 3 години

Победата на Андреа Коевска на македонскиот избор за Евросонг за многумина беше изненадување. Дури и таа вели дека сè уште не може да поверува дека песната Circles победи, па во мај ќе ѝ се исполни детскиот сон да пее на Евровизија во Торино.

„ Никогаш не сум била поспремна во животот. Слушнав секакви коментари, ама се трудев да не ги читам негативните. На луѓето не им беше јасно како еден анонимец може да победи. И не им се лутам. Јас дури пред една година почнав посериозно да се занимавам со музика, моите песни се на англиски и се пуштаат на светски радио станици, ама не и кај нас, што ми е чудно“, раскажа Андреа во емисијата „Без маска“ на „Репортер“.

Не крие дека песната што ја направија заедно со Александар Масевски е за нејзина поранешна љубовна врска што многу ја повредила.

„ Ми требаше една и пол година да се опоравам, но музиката ми помогна да го надминам тој лош период“, ни кажа Коевска која пред неколку дена го прослави 22 роденден.

Мајка ѝ е лекар, а татко ѝ професор на правниот факултет, па не биле баш воодушевени кога решила музиката да ѝ стане професија. Но, денес ја има нивната безрезервна поддршка.

И додека нè водеше низ населбата Козле, каде што пораснала, ни раскажа за животот во Америка, каде што првпат слушнала госпел хор, но ни откри и како се чувствувала кога на 5 години била единственото бело дете во градинка во Харлем, Њујорк, каде што оделе само црнчиња.

Нè одведе и во кик-бокс студиото каде што вежба повеќе од една година. А спортот ѝ оди толку добро, што сака да се пријави и на натпревар.

„ Јас сум борбена, но никогаш не ги решавам проблемите со насилство, туку решавам да заминам ако се најдам во непријатна ситуација. Внимавам што јадам, тренирам постојано и сакам да го имам најдоброто тело на Евровизија оваа година, или барем најдоброто тело што јас можам да го добијам со спортувањето“, рече таа и ни откри дека не носи често штикли, иако добро ѝ стојат.

Муабети има многу, од коментарите дека не требаше да победи на Евросонг, до тоа дали колегите ѝ честитаа откако слушнаа дека таа ќе пее во Торино. Во разговорот ни се приклучи и нејзиниот продуцент Масевски, кој вели: „ Мојот совет за Андреа е кога ќе излезе на сцената да не пробува да се надмине себеси, така може да изгори. А јас верувам во песната и во нашиот успех“.

Share
Scroll to Top