Британскиот премиер Борис Џонсон потврди дека ќе ги укине сите мерки поврзани со пандемијата на Ковид-19 во Англија, пишува Би-би-си.
Од четврток, заразените граѓани повеќе нема да имаат законска обврска да се самоизолираат, иако сепак ќе им се препорачува да останат дома, изјави денеска Џонсон.
Тој додаде дека од 1 април ќе престане да биде достапна бесплатната услуга за тестирање на коронавирус, освен за ранливите групи. Премиерот рече дека мерките нанеле тежок удар на економијата и општеството.
„Не ни требаат закони за да ги принудат луѓето да бидат внимателни еден кон друг, наместо тоа, можеме да сметаме на нивното чувство за одговорност. Треба да научиме да живееме со вирусот и да се заштитиме себеси и другите без да ги ограничуваме нашите слободи“, рече Џонсон.