Претседателот Мадуро: Венецуела е со Путин

пред 3 години

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека неговата земја го поддржува рускиот претседател Владимир Путин во кризата во Украина, пишува Хина.

– Венецуела е со Путин, таа е со Русија. Таа е со храбрите и праведни работи во светот – изјави претседателот Мадуро на телевизија за време на владината седница, откако рускиот парламент даде зелено светло за воената операција во Украина во вторникот.

Стравот од воена ескалација во Украина е на својот врв откако Путин во понеделникот ја призна независноста на сецесионистичките ентитети Луганск и Доњецк во источна Украина.

Мадуро потсети дека неговиот претходник и ментор Хуго Чавез ја поддржал Русија кога ја признала независноста на Јужна Осетија во 2008 година за време на конфликтот со Грузија.

Тој додаде дека САД и НАТО имаат намера да употребат воени средства за да ја затворат Русија.

Рускиот вицепремиер Јуриј Борисов, кој во петокот беше во Каракас, истакна дека Венецуела е „стратешки партнер на Русија во оваа ситуација на растечка нестабилност“.

Во контекст на кризата во Украина, рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков не ја исклучи можноста за распоредување на руската војска во Венецуела и Куба.

Москва е еден од главните сојузници на претседателот Николас Мадуро, чиј реизбор во 2018 година не призна дел од меѓународната заедница, особено САД, кои се обидуваат да го соборат.