– Руската армија започна агресивен напад врз Украина, изјави американскиот претседател Џо Бајден во своето обраќање до нацијата.
– Ова е напад со предумисла – истакна тој.
„Со недели предупредуваме дека тоа ќе се случи, со недели“, рече Бајден, додавајќи дека руската влада извршила сајбер напади врз Украина и дека нападот е целосно „неиспровоциран и неоправдан“.
– Путин е агресорот. Тој ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците.
– Денеска одобрувам дополнителни силни санкции и нови ограничувања за тоа што може да се извезе во Русија. –
Тој вети дека нападот „скапо ќе ја чини Русија“.
– Намерно ги склучивме овие санкции за да ги максимизираме долгорочните последици за Русија и минимумот за САД и нивните сојузници.
– Сакам да бидам јасен. САД не се сами во ова. Изградивме коалиција на партнери кои претставуваат половина од глобалната економија.
Американскиот претседател претходно во изјавата во средата навечер, по експлозиите во Украина, го осуди „неиспровоцираниот и неоправдан напад на руските воени сили“ врз соседната земја.
Во пресрет на обраќањето до нацијата по започнувањето на инвазијата на Украина, Бајден вети дека ќе воведе „деструктивен пакет санкции“ за Москва.
Обраќањето беше одложено за околу еден час поради повикот кој траеше повеќе од еден час меѓу Бајден и лидерите на Г7.
По повикот, Бајден „твитна“ дека се договориле за санкции против Русија. Лидерите на Г7 остро ја осудија „руската инвазија на Украина“ и најавија воведување остри и координирани економски и финансиски санкции против Москва.
Висок функционер во неговата администрација рече дека САД и нивните сојузници планираат да воведат „целосни“ санкции во четврток, за кои се разговараше пред неколку недели како одговор на нападот, објави Си-Ен-Ен.
Во текот на ноќта ескалираше кризата во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин најави „почеток на специјална воена акција“, а потоа низ Украина почнаа да пристигнуваат извештаи за гранатирање, која набрзо објави дека започнала инвазија на нејзината територија.
Исто така, има се повеќе информации дека руската армија ја презела нуклеарната централа Чернобил, која се наоѓа недалеку од границата со Белорусија.
Првите проценки од Вашингтон покажуваат дека ова е почеток на целосна руска инвазија, според официјални лица запознаени со најновите разузнавачки информации, пренесува Си-Ен-Ен.