НАТО соопшти дека врши значително дополнително одбранбено распоредување во источниот дел на Алијансата, истакнувајќи дека иако се во сила мерките за одвраќање и одбрана, акциите на НАТО останале „превентивни, пропорционални и неескалирачки“.
Распоредивме копнени и воздушни одбранбени сили во источниот дел на Алијансата и поморски средства низ територијата на НАТО. Ги активиравме одбранбените планови на НАТО за да се подготвиме да одговориме на серија непредвидени ситуации и да ја обезбедиме територијата на Алијансата, вклучително и употребата на нашите сили за одговор, се вели во соопштението објавено денеска.
Заедничката изјава на лидерите на НАТО доаѓа по виртуелниот самит на шефовите на држави и влади на НАТО, на кој членките се состанаа за да разговараат за она што НАТО го опиша како најголемата закана за евроатлантската безбедност во последните децении.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференцијата рече дека целите на Кремљ не се ограничени само на Украина.
„Владимир Путин бара војниците да се повлечат од земјите кои се приклучија на Алијансата по 1997 година и рече дека ќе употреби сила за да ги постигне своите цели“, рече тој.
Тој додаде дека ситуацијата во Европа сега е поинаква од порано и дека за тоа се одговорни Русија и Белорусија.