Сајбер напад врз еден од доставувачите на Toyota предизвика затворање на погонот во Токио на еден ден, соопшти јапонската Влада.
Нападот бил врз снабдувачот на делови, „Коџима“, при што хакерите барале откуп. Компанијата соопшти дека открила „порака за закана“, а потоа открила дека нејзиниот сервер е „заразен со вирус“. Производителот на делови сè уште не знае кога ќе може да го врати својот систем и да продолжи со производството, според гласноговорникот на „Коџима“.
Со исклучувањето се засегнати повеќе од 13.000 возила во централата.
Претставникот на јапонската Влада, Хироказу Мацуно го потврди кибернападот врз компанијата, но не даде повеќе податоци, бидејќи истрагата е во тек. Тој, исто така, предупреди дека „опасноста од кибернапади расте поради тековната состојба во Украина“, повикувајќи ги компаниите да ги зајакнат мерките за кибербезбедност.
Јапонија е меѓу многуте земји во светот кои ја зголемија својата подготвеност за можни кибернапади поради санкциите и дејствијата против Русија.