Заменикот на Џонсон: Воените злосторници во Украина ќе одговараат

пред 3 години

Британскиот вицепремиер Доминик Раб денеска изјави дека секој што учествува во воените злосторства во Украина ќе одговара.

„Ова се претвора во многу поопасен проблем за Путин отколку што тој мисли“, изјави Раб за Скај њуз, според Ројтерс.

– Мислам дека бевме многу јасни кога кажавме дека за тоа ќе одговараат оние кои учествуваат во воени злосторства – рече тој.

Раб додаде дека Британија нема да бара зона за забранети летови над Украина и дека конфликтот нема да биде завршен дури и ако Русија успее да го окупира Киев.

Денеска е шестиот ден од руската инвазија на Украина. Двете земји го одржаа првиот круг од мировните преговори во понеделникот, а во меѓувреме продолжија жестоките борби во неколку украински градови.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот наутро најави „почеток на специјална воена акција“. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од Европската унија итен прием и ги повика руските војници да дезертираат.

Преговорите меѓу двете конфликтни страни се водеа во Белорусија.