Кинескиот министер за надворешни работи денеска изјави дека руско-кинеското пријателство останува цврсто како камен.
Соработката меѓу двете земји носи придобивки за двете нации, рече Ванг Ји на годишната прес-конференција, пренесе Ројтерс.
Светските медиуми потсетуваат дека, Кина одби да го нарече рускиот напад врз Украина инвазија. Таа повика да се стави крај на кризата преку преговори.
Списокот на земји кои воведуваат санкции кон Русија секојдневно се зголемува, но на него сè уште ја нема Кина.
Австралискиот премиер Скот Морисон ја повика Кина да се приклучи на глобалните напори за ставање крај на руската инвазија на Украина, бидејќи смета дека не постои земја која ќе има поголемо влијание од Кина на крајот на војната во Источна Европа.
Во опширниот говор, австралискиот премиер посочи дека руската инвазија не оди според планот на нејзиниот лидер Владимир Путин.
„Кина долго време тврдеше дека една од најголемите светски сили треба да придонесе за глобалниот мир и стабилност. Нема земја која ќе има поголемо влијание врз завршувањето на оваа ужасна војна во Украина од Кина“, рече Морисон во неговиот говор.