Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес му го честиташе 68-от роденден на претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој во пораката вели дека многу го цени сето она што рускиот претседател го прави за нераскинливото пријателство и братство на Србија и Русија, како и за неговата силна поддршка за борбата на Србија за заштита на државните и националните интереси. „Екселенцијо, драг пријателе, прими ги моите роденденски честитки, со искрени желби за добро здравје, за да можеш мудро и упорно да ја водиш Руската Федерација на патот кон успехот и просперитетот, зајакнувајќи го нејзиниот углед и влијание во светот“, наведува Вучиќ во честитката. Тој посочува дека високо ја цени цврстата поддршка на Путин за одлучната борба на Србија за заштита на виталните државни и национални интереси, пред се на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија. Вучиќ исто така додава дека со задоволство се сеќава на претходните средби со Путин, како можност за „отворена размена на мислења и идеи за различни прашања од заеднички и глобален интерес“. „Благодарен сум ви што секогаш можете да слушате и, без оглед на тежината и сложеноста на нашата геополитичка, воена и економска позиција, да покажете разбирање за нашите ставови. Тоа е одраз на вашата човечка и државна мудрост, како и на докажаното пријателство со српскиот народ“, истакнува Вучиќ. Тој посочува дека е убеден дека и во наредните години ќе продолжат да градат значајни односи. „Искрено се радувам што наскоро ќе имам повторно чест да ве угостам во нашата Србија“, се вели во честитката на Вучиќ.






