Кличко: Русите се на периферијата на Киев, ќе се бориме

пред 2 години

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, поранешен светски шампион во бокс, во видео порака предупреди дека руските сили се на периферијата на Киев, додавајќи дека украинската армија е подготвена да го брани главниот град.

„Нашите вооружени сили и територијалната одбрана херојски се борат за нашата земја, рече Кличко. На влезовите во градот се градат утврдувања. На сите им велам да останат мирни. Не излегувајте без потреба и останете во засолништа во случај на итност“, рече тој.

Според последните информации, огромен руски воен конвој, долг повеќе од 64 километри, е оддалечен од Киев околу 27 километри. Во претходна видео порака, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одбраната на Киев е владин приоритет.

„Киев е посебен. Ако го заштитиме Киев, ќе ја заштитиме и државата. Тоа е срцето на нашата земја и мора да продолжи да чука“, рече Зеленски. Во своето обраќање, користејќи ја истата метафора, Кличко рече дека руските сили сакаат да го заземат срцето на земјата.

„Ќе се бориме, нема да го оставиме Киев на непријателот“, додаде Кличко.

Share
Scroll to Top