Црвениот крст ја опиша ситуацијата во Мариупол како катастрофална. Во Мариупол со денови паѓаат бомби и гранати, а Русите вчера ги бомбардираа родилиштето и детската болница во овој град.
Саша Волков, шеф на делегацијата на Црвениот крст во Мариупол, рече дека добил извештаи дека залихите на храна и вода се на опасно ниско ниво. Во аудио порака снимена вчера, Волков рече дека многу семејства веќе немаат храна за своите деца.
Тој додаде дека има еден вид црн пазар за зеленчук, но месо не може да се најде никаде. Залихите на лекови се при крај, рече Волков и додаде дека градските аптеки биле ограбени пред четири до пет дена. Некои болници, сепак, сè уште работат, информираат медиумите во светот.
„Луѓето почнаа да се разболуваат од влажност и студ. Недостигаат лекови, особено за дијабетичарите и за оние кои боледуваат од рак. Но, овие лекови не можат да се најдат во градот“, рече Волков.