Иван Петрушевски дизајнираше часовник за „Своч“ со симболите на неколку македонски градови

Иван Петрушевски дизајнираше часовник за „Своч“ со симболите на неколку македонски градови

пред 3 години

Иван Петрушевски дизајнираше часовник со симболите на неколку македонски градови за светската компанија „Своч“. Ова е еден од десетината дизајни од целиот свет кои ги избра „Своч“, а потоа ги претстави на најголемиот светски саем „Дубаи експо“. Идејата на „Своч“ била да создаде колекција часовници со симболи од различни земји и преку секој од нив да ја прикаже културата и уметноста на таа земја. Во разговор за „Репортер“, Петрушевски вели дека за необичниот дизајн го инспирирале убавините за Македонија, но целта му била на еден поинаков начин да ги поттикне туристите од цел свет да ја посетат земјава.

„Лани во јули беше објавен конкурсот на Своч наречен ‘Своч колинг’, кој ги повика дизајнерите од целиот свет да ја претстават својата земја преку дизајн или илустрација која потоа ќе се аплицира на рачен часовник. Од секоја земја се избира по еден уметник, а јас бев избран да ја претставувам Македонија. Условот беше едноставен, уметникот да е државјанин на земјата која ја претставува. Немаше ограничување од нивна страна, секој беше препуштен на својата креативност“, вели Иван.

Конкурсот се затворил лани во август. До јануари оваа година, Иван не слушнал ништо од организаторите, па претпоставил дека неговиот дизајн не е меѓу избраните.

„Искрено, дури и заборавив дека сум аплицирал. На мое големо изненадување ме контактираше тимот на ‘Своч колинг’ на почетокот на оваа година со добра вест и многу брзо ги изработија часовниците со мојот дизајн. Идејата потекна од личен проект во кој дизајнирав неколку поштенски марки во првата година на пандемијата, кога сите се осврнавме на домашниот туризам и реоткривањето на сопствената земја. Тогаш создадов три различни дизајни за поштенски марки во ист визуелен стил, со мотиви од Маврово, Охрид и Скопје. Тие ми беа одлична појдовна точка за креирање дизајн со поштенски марки кои ја претставуваат Македонија и дигитално патуваат низ целиот свет“, ни откри Петрушевски.

Пораката што сакал да ја испрати со дизајнот е едноставна, промоција на убавините на нашата земја надвор од традиционалниот туристички формат, но во негов стил.

„Сите овие места имаат огромен потенцијал за да бидат дестинација на многу туристи ширум светот, но ретко се гледаат  низ призмата на илустрацијата“, рече тој.

Откако јавноста дознала за неговиот часовник, Иван добил многу честитки, не само од пријателите и соработниците од тука, туку и од странство.

„За жал, медиумски сето ова помина тивко, а тоа веројатно се должи на фактот што самиот часовник како финален продукт за сега не е достапен за продажба кај нас“, ни кажа Иван.

Часовникот со дизајнот на Петрушевски веќе е произведен и претставен како експонат за „Дубаи експо“, а може да се порача и онлајн. Иван вели дека интересна новина кај „Своч“ е тоа што секој купувач сега може самиот да избере соодветен дел од победничкиот дизајн и да го вметне како дел од дизајн на часовникот кој ќе го купи, па со тоа ќе има свој уникатен часовник.

За Петрушевски ова е втора соработка со „Своч“. Тој претходно дизајнирал и календар за американскиот бенд The National, скејт-даски за popcorn, а има и наградени дизајни за маици за Cosmic soda во Грција.

Андријана Јовановска

 

 

Share
Scroll to Top