Австралиската глумица Ребел Вилсон му го покажа средниот прст на Владимир Путин на доделувањето на наградите на британската филмска академија БАФТА.
Доделувањето се одржа во „Ројал Алберт“ салата, во неделата, а Ребел во знак на поддршка на Украина пред сите му покажа среден прст на рускиот претседател.
„Во оваа изведба имаме два знаковни јазици, еден го покажува американскиот знаковен јазик, додека друг е задолжен за британскиот. За среќа, на сите знаковни јазици ова е порака за Путин“, рече Вилсон, по што следуваше аплауз од публиката.
Многу глумци ја искористија можноста јавно да ја дадат својата поддршка за Украина и да му испратат порака на рускиот претседател. Некои носеа ленти, а некои беџеви.
„Патењето на милиони луѓе не може да се игнорира“; рече глумецот Бенедикт Кембербач и порача дека планира да им го отвори својот дом на украинските бегалци.
Додаде и дека во Украина се убиваат цивили кои останале без своите домови, електрична енергија, вода и храна.
„Сите мораме да направиме повеќе од само носење беџ. Мораме да донираме, да ги притискаме нашите политичари да создадат безбедно опкружување за нашите бегалци“, додаде тој.
За потсетување, БАФТА наградите минатата година не се одржи поради пандемијата, додека оваа година беше организирана и покрај војната која се случува во Европа. Ова доделување беше облежано со политички говори и настапи.