Путин постави шест услови за почеток на преговори за завршување на војната

пред 3 години

Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изнел неколку услови за постигнување договор со Украина за прекин на огнот, изјави портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин во интервју за турскиот весник Хуриет, пренесува Си-Ен-Ен.

„Турскиот претседател понуди да ги донесе Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Турција за да ги олесни преговорите за завршување на војната. Додека Зеленски беше подготвен за средбата, Путин покрена прашања кои треба да се решат пред какви било преговори“, објаснил Калин.

„Првата е неутралноста на Украина, односно откажувањето од членството во НАТО. Второ, разоружување и меѓусебни безбедносни гаранции во контекст на австрискиот модел. Трето, процес кој руската страна го нарекува „денацификација“. Четврто, отстранување на пречките за широката употреба на рускиот јазик во Украина. Разбирливо е дека е постигнат одреден напредок во преговорите досега. Рано е да се каже дека има комплетен договор или дека договорот е блиску до потпишување“, изјавил Калин во интервјуто.

Додал дека Путин поставил уште две барања кои се особено важни, а тоа се признавањето на анексијата на Крим и двете т.н. „Републики“ во Донбас. Калин кажал дека овие две последни прашања „не се прифатливи барања за Украина и меѓународната заедница“.

„Доколку се постигне договор за првите четири точки, може да има дискусија за петтата и шестата“, рекол Калин, додавајќи дека преговорите потоа може да доведат до договор и крај на војната.

Според Калин, Ердоган повикал на трајно примирје и ги понудил Истанбул и Анкара како места каде би можеле да се сретнат рускиот и украинскиот претседател.

Share
Scroll to Top