Вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ ја повика Европската Унија да го забрза процесот за членство на земјите кои сакаат да влезат во блокот, за да не се случат слични сценарија како она во Украина во другите региони во Европа.
„Овој момент е многу клучен за Европа, можеби и за светот. Се надевам дека руската војна веднаш ќе заврши. Но, ние треба да испратиме порака дека ЕУ треба да разбере дека земјите кои сакаат да ѝ се приклучат и кои се многу далеку во процесот на проширување треба да имаат некој, да речеме, побрз пат во моментот, ако не го сакаме истиот проблем како во Украина и во другите делови од Европа“, изјавил Абазовиќ за одредени агенции.
Тој изјавил дека Црна Гора ќе ги задржи санкциите против Русија. Нагласил дека земјата, и покрај нејзината мала големина, целосно ги поддржува партнерите од НАТО и ЕУ.