Украинска армија: Русите имаат залихи за само уште три дена

пред 3 години

Украинската армија објави дека руските војници имаат залихи за најмногу три дена и дека наскоро ќе останат без храна, муниција и гориво.

„ Поради логистички неуспеси на руските сили, вклучително и неможноста да се доставуваат гориво за војниците на фронтот, тие се без залихи“, соопшти денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.

„ Нападите врз други градови во Украина – како Киев, Чернихив, Суми и Харков – доживеаја уште еден ден на стагнација“, додаде Министерството за одбрана.

Британската разузнавачка служба соопшти дека украинските сили ги отфрлаат руските обиди да го освојат Мариупол, град кој се смета за клучен за успехот на таканаречената „специјална воена операција“ на Путин, пишува „Дејли мејл“.

Оценката на украинската војска се совпаѓа со ставовите на западните воени експерти, кои рекоа дека руските сили најверојатно ќе останат без залихи оваа недела и ќе бидат принудени да прекинат со понатамошна акција додека не пристигне логистичкото засилување.

Поради ова прекинување на нападите, украинските сили би можеле да извршат контранапад. Веќе утринава објавија дека повторно го освоиле градот Макарив на периферијата на Киев, преземајќи ја контролата врз клучниот автопат и блокирајќи ги руските напори да го опколат градот од северозапад.

Но, тоа не значи дека армијата на Путин е веќе поразена или дека наскоро ќе следи прекин на огнот. Воените експерти велат дека Путин би можел да се одлучи за побрутална и покрвава стратегија во оваа ситуација. Западните лидери, вклучително и Бајден, предупредија дека рускиот претседател во таков случај би можел да прибегне кон употреба на биолошко или хемиско оружје.