Градоначалникот на Мариупол: Ќе бидат потребни години за да се обнови градот, борбите се водат без престан

пред 3 години

Хуманитарната ситуација во опколениот украински град Мариупол продолжува да се влошува, а Русија ја блокира испораката на хуманитарна помош, изјави градоначалникот на овој град.

Стратешкиот пристанишен град од првите денови на војната е опколен од руски војници, без струја, вода и гас. Поголемиот дел од градот сега е во урнатини.

– Ситуацијата е навистина комплицирана. Тоа е хуманитарна криза. Дел од градот е окупиран од руските сили, но нашите војници се уште го контролираат градот, но борбите не престануваат – изјави градоначалникот Вадим Бојченко за Би-би-си.

Околу 100.000 луѓе се уште се заробени во Мариупол, а напорите за спроведување на големи евакуации пропаднаа. Илјадници успеаја да заминат со приватни возила во последните денови. Многумина зборуваа за недостиг од вода, храна и медицински материјали, како и за немилосрдните руски напади.

– Работиме на евакуација на жителите и верувам дека тоа е единственото нешто што може да ги спаси луѓето. Градот беше уништен. Ќе бидат потребни години за да се обнови – рече Бојченко.

Тој додаде дека 300 тони хуманитарна помош чекаат да бидат испорачани, но „руските сили едноставно не ја пуштаат“.

Во четвртокот, заменик-премиерот на Украина ја обвини Русија дека три дена го блокирала влезот на конвој со хуманитарна помош.

Share
Scroll to Top