Признанието се доделува за 40 години постоење и значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и нејзина афирмација во светски рамки
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е дoбитник на признанието Повелба по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата, кое го додели Претседателот Стево Пендаровски.
ИФФК „Браќа Манаки“ е прв и најстар ваков фестивал, светилник и гордост на македонската кинематографија и уметност повеќе од четири децении. „Браќа Манаки“ има посебен успех со својата мисија за врвен вредносен систем во промоцијата и славењето на еден од најважните сегменти во филмската продукција-кинематограферството, клучната алатка за раскажувањето на наративите на филмското платно.
Почетоците се во градот домаќин Битола, во кој живееја и твореа браќата Милтон и Јанаки Манаки. Со својот фасцинантно богат опус и особено со документарните филмови снимени со нивната легендарна Камера 300 тие оставија непроценлив драгоцен филмски опус. Фестивалот е основан во 1979 година од страна на Друштвото на филмски работници во соработка со градот Битола и Кинотеката.
Признанието на директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски му го врачи Претседателот на Северна Република Македонија, Стево Пендаровски.
-Ми претставува огромна чест што имам можност во името на сите мои претходници, по чија апсолутна и директна заслуга стојам овде, во името на Друштвото на филмските работници на Македонија, кој е грижлив родител и старател на Фестивалот сиве овие години и во името на бројните посветени професионалци и вљубеници во филмот кои со макотрпна работа го изградиле фестивалот и го донеле таму каде што е денеска, со неговиот кредибилитет и големина, да ја примам оваа награда за нашата најпрестижна Меѓународна филмска манифестација.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам Вам, и да ви оддадам признание Вам, на Претседателот на Република Северна Македонија, на Министерството за култура, на Агенцијата за филм, на Општина Битола, на Друштвото на филмските работници на Македонија, на Кинотеката на Македонија и на нашите тимови, членови на Друштвото на филмски работници, нашите долгогодишни верни бизнис партнери и вљубеници во филмот без кои овој фестивал никогаш не би опстоил низ годините, ниту би бил таму каде што е денес, во нашата свест и во свеста на светските кинематографери и филмски професионалци. Затоа оваа награда не е само наша, туку е и Ваша.
Она што можам да ви го ветам денес е дека додека сум јас на кормилото на Фестивалот ние ќе сториме се овој фестивал да продолжи да расте и вие да се гордеете со нас, рече Дамевски, примајќи го признанието.