Финците сакаат да влезат во НАТО, се плашат од руски дезинформации

пред 3 години

Според финската служба за безбедност, Хелсинки очекува Русија да започне кампања за дезинформации за да влијае на дебатата во Финска за влез во НАТО.

Разузнавачката служба „Супо“ во последната проценка наведе дека јасното влијание на Русија и нелегалните разузнавачки операции се меѓу главните закани за националната безбедност на Финска, пренесува Ројтерс.

„Финското општество како целина треба да биде подготвено за различни мерки со кои Русија сака да влијае на креирање политика во Финска за прашањето на НАТО“, рече директорот на „Супо“, Анти Пелтари.

Тој исто така додал дека финските власти мора да обезбедат услови за целосна и фер дебата без заплашување, како и да спречат евентуално надворешно влијание врз одлуките за безбедносната политика што ги носи Финска.

Анкетите покажуваат дека подготвеноста на Финска да се приклучи кон Северноатлантската алијанса е зголемена по руската инвазија на Украина и тоа за првпат укажува дека мнозинството е за членство во НАТО, наведува Ројтерс.